Денес Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ беше домаќин на манифестацијата „ЗДРАВО ЖИВО БАБА МАРТА“ која е дел од програмата на одбележувањето на јубилејот - 1000 години Радовиш. Манифестацијата започна со настапот на нашиот кантавтор Јовица Илиќ со изведба на наградената композиција „Радовиш е само песна“ а веднаш потоа следуваше и двогласно пеење во изведба на женска пејачка група, како и беседата „Црвеното и белото – Љубов и векување 1000 години Радовиш“. Во продолжение следуваше драмолетката „Приказна за мартинката“ во режија на Гордана Здравковска. Градоначалникот Герасим Конзулов се заблагодари на присуството на претставниците од Министерството за култура, на примадоната во македонската опера и балет и наша сограѓанка г-ѓа Милка Ефтимова и во своето поздравно обраќање истакна дека е особено среќен на големото учество на децата во изработката на мартинките како и на воспоставената соработка со пријателите од библиотеката од Република Бугарија. Во рамките на настанот се одржа и трибина на тема „Мартинките во мотивите на народните обичаи во Балканската традиција“ на која свое учество имаа: проф. д-р Мито Спасевски на тема: Културолошки димензии на мартинките и рефлексијата во современата македонска литература, магистер Ивона Опетческа Татарчевска на тема : Мартинките во УНЕСКО. На трибината учествуваше и Адријана Цветкова од Регионалната библиотека „Михалаки Георгиев“ од Видин - Република Бугарија,на тема: „Мартинката – длабоко вкоренета во Бугарската народна традиција“.
Инаку во изминатите две недели во библиотеката беше организирана работилница на тема „Со бел и црвен конец сукаме мартинки“ на која учествуваа ученици од основните училишта во Радовиш и дечиња од детската градинка „Ацо Караманов“ под водство на Лидија Ердељанова. Беа изложени и рачно изработените мартинки од Бугарија, изработени преку креативни работилници во библиотеката Регионалната библиотека „Михалаки Георгиев“ од Видин. Изработените мартинки беа изложени на самата манифестација, а собраните средства беа донирани во хуманитерни цели.