На церемонијата која се оджа во Прага во едно од најпознатите филмски студија во Европа – студиото Барандов (каде што снимале познатите режисери Милош Форман и Роман Полански) беа доделени 37 награди од страна на ЕРСТЕ фондацијата. Настанот со холивудски стил и привлечност беше следен од 650 лица од бизнис секторот, НВО и медиумите.
Од страна на националните и локални експерти беа изберени 132 проекти од вкупно 1865 поднесени барања за награда од 12 земји и тоа: Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Косово, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка и Словенија. Од страна на интернационалното жири составено од 18 експерти, беа препознаени исклучителни, иновативни, ефикасни активности, кои им овозможуваат на луѓето кои живеат на маргините на општеството целосно вклучување во општествениот живот.
На церемонијата беа наградени 37 проекти кои го поделија вкупниот фонд на наградата во износ од 613.000 евра. Наградата оддаде признание на проекти кои направиле промена врз животот на луѓето во локалните заедници и е наменета да им помогне на поединци и институции во нивната социјална практика. Првата награда на ЕРСТЕ Фондацијата ја доби проектот од Хрватска „Центар за советување и засолниште на жени и деца жртви на насилство“. На другите победници им се доделени награди во вредност од 16 000 евра, но покрај наградите кои имаат финансиска компонента, победниците ќе добијат поголема видливост и ќе имаат можност за подобар пристап кон базите на ЕРСТЕ фондацијата и на можни партнери и поддржувачи.
Во големата конкуренција две македонски организации добија награди во вредност од 16 000 ЕВРА и тоа Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ и НВО „Полио плус“ која победи со проектот Социјално партнерство во одговорно општество. Библиотеката оваа европско признание го доби за успешна релаизација на проектот „Креативни умови создаваат можности за работа“ кој во 2010 година со грант беше награден од страна на ЕИФЛ (Electroniv Information for Library) преку Иновативната програма за јавни библиотеки (Public Library Innovation program) истотака во силна конкуренција од 324 пристигнати апликации на библиотеки од 49 земји, кои понудија свои иновативни идеи што ја воведуваат новата технологија во својата работа.